Општина Карпош: Прво нови фасади, па покриви и лифтови

До крајот на оваа година, во Општина Карпош целосно ќе биат завршени реконструкциите на речиси 50-на фасади на колективни станбени објекти. Оваа бројка, која ги вклучува и реконструираните фасади на зградите од минатата година, е само дел од севкупниот план, според кој во наредните четири до пет години, треба да се реновираат сите фасади во оваа локална самоуправа и да се заменат со енергетски ефикасни, најави градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

  - Продолжуваме со реконструкција на фасадите во Општина Карпош, овој пат на улицата Волгоградска и на улицата Соле Стојчев. Целокупната инвестиција е некаде околу девет милиони денари, финансирана од буџетот на локалната самоуправа. Бидејќи ова е улицата која кореспондира со трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ планираме  фасадата и целата архитектура да биде компактибилна со трговскиот центар, се со цел улиците „Љубљанска“ и „Волгоградска“ да бидат во една композиција заедно со обновените објекти во делот на Карпош 3 – рече Јакимовски.

Тој апелираше до жителите на овие објекти да се потрудат пред реконструкцијата на фасадите да ги променат своите прозорци и да стават термички, сѐ со цел да се постигне поголема енергетска ефикасност.  Првиот човек на Општината, јавно ги повика сите граѓани кои се заинтересирани за обнова на лифтовите и покривите, да се пријават навреме, бидејќи истите ќе се реконстурираат заеднички со Општината која ќе помогне со сопствени финансиски средства .

Планираните 11 станбени објекти за реконструкција со термичките фасади на територија на Карпош 4, ќе бидат целосно обновени и со тоа безбедни за наредните 30-на години.