Онколози алармираат: Маслото канабис не е медицински докажан лек

Медицинската марихуана не е лек за кој има стручни медицинска потврда за ефикасност, па пациентите да не се доведуваат во заблуда дека помага при болки и повраќање, а уште помалку дека лекува малигни заболувања.

За ова алармираат од стручното Здружение на радиотераписки онколози при Македонското лекарско здружение и укажуваат дека се води таква кампања за овој препарат што има негативно влијание, па пациентите ја прекинуваат терапијата со цитостатици или зрачење. Раководството на Клиниката за онкологија и радиологија тврди дека маслото канабис се препишува единствено како помошна терапија, а не како лек кој лекува карцином, и тоа само по желба на болниот, пишува Утрински.

„Како лекари имаме проблеми со болните. Кога доаѓаат на лекар самите бараат да им се препише овој препарат, па тешко може да се убедиме дека за него нема медицински докази дека е лек за болка, или за смирување на повраќањето. На онколошките болни треба да им се каже дека маслото канабис не е лек и дека треба да примаат стандардна терапија за овие индикации, а тоа се медицински лекови за против повраќање, кои, за жал, кај нас се генерација лекови од пред 10 години. Или, на пример, за болка треба да се користат синтетски морфиумски препарати кои ги нема на позитивна листа, а не можат ни да се купат во аптеките“, образложува претседателот на Здружението на радиотераписки онколози, д-р Снежана Смичкова, зошто како стручњаци се решиле да реагираат за овој препарат. Таа потенцира дека кога болните веќе даваат пари за терапија, тоа да биде за лекови за кои има докази дека имаат ефект.

Анализата на Здружението покажала дека под поимот канабиноиди се пронајдени 5.445 студии, од кои 226 за во онкологија. „Податоците за антитуморски ефекти се темелат само на анимални случаи и нема студии кои го испитувале ефектот врз луѓето, а нема ни препораки за употреба на канабинодите во онкологијата“, се вели во заклучоците на Здружението.

Директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија д-р Милан Ристески ваквите укажувања од стручното здружение ги смета само како контракампања дека се' што се прави во здравството не чини. „Законот не нелага дека сите лекари треба да го препишуваат канабис маслото, туку секој според своите убедувања и според желбата на болниот. И на Клиника секој лекар не го препишува, ниту, пак, тоа го барам. Законот го дозволува овој препарат и зошто пациентите место да го купуваат на црниот пазар, да не добијат проверена медицинска марихуана и тоа под контрола на лекар“, вели д-р Ристески.

Според податоците на Клиниката, засега, на третман со медицинска марихуана има 80 болни, за разлика од пред неколку месеци кога почна да се препишува препаратот и имало 150 пациенти. Директорот Ристески вели дека бројот се намалил затоа што паднала цената на маслото на црниот пазар, па на болните полесно им е да го купат наместо да доаѓаат на лекар за рецепт.