Официјални податоци: Земјотресот во Албанија уништил 5.497 домови, 3.135 лица се раселени

Заменик-министерката за внатрешни работи на Албанија, Ровена Вода, соопшти дека 3.135 граѓани се евакуирани, а 5.497 домови се тешко оштетени по катастрофалниот земјотрес во земјата.

Како што кажа таа, ова се најновите податоци за штетата предизвикана од земјотресот, собрани од инспекторите во погодените места, пренесе агенцијата „Танјуг“.

Вода додаде дека во земјотресот биле оштетени 12 здравствени центри и простории за вонредни ситуации.

Земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, ја потресе Албанија во 3:55 часот по полноќ на 26 ноември, а во него загинаа 51 лице и повредени беа повеќе од 900 луѓе.