Одбележани 76 години од загинувањето на Кузман Јосифовски – Питу

Претставници на Сојузот на борци, здруженија на пензионери, политички партии и граѓански организации, денеска пред спомен обележјето во Козле одбележа 76 години од загинувањето на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев. – Драго ми е што за делото на Кузман се изучува постојано. Затоа што патриотизам е да се сеќаваш и да го вреднуваш минатото, но и да одиш напред. Ако народните херои се бореле за наша слобода и независност, денеска, нашиот влог е во развивањето и напредокот на државата, а за нас денес тоа е Северна Македонија како членка на НАТО и на Европската унија и младина која добива шанса за просперитет тука, во сопствената држава. Тоа се генерациите кои ќе се карактеризираат со космополитски дух и отвореност, а нема да тонат во сиромаштија и популизам, рече Богоев. Пред граѓаните говореше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Таа се осврна на животот на Кузман, кажувајќи дека иако живеел само 29 години, со својата мисија и делување, оставил аманет за многу сегашни и идни генерации. Младите учат и го почитуваат ликот и делото на народниот херој.

Потврда за ова беа литературните читања од Ученици од реонското училиште „Владо Тасевски“, пак, преку читање стихотворби и раскази потсетија на вредностите за кои се залагал народниот херој: борбеност, слобода, и правда. Во знак на сеќавање, делегации од сите институции и организации, положија цвеќе пред спомен обележјето на Кузман Јосифовски – Питу.