Одбележан Меѓународниот ден на музеите

Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) и Македонскиот национален комитет на Синиот штит денеска го одбележуваат 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите.

Претседателот на МНК ИКОМ Маја Чанкуловска-Михајловска им го честита празникот на сите музејски работници и истакна дека тој е востановен пред 40 години, во 1977 година.

– Меѓународниот ден на музеите го одбележуваме традиционално, со советување со светската тема за оваа година „Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ и со доделување на наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за 2016 година, рече Чанкуловска-Михајловска во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам.

За Музеј на годината добитник е Музеј и завод Битола, за новоотворениот музеј „Спомен куќа на Татарчеви“, а за музејски проект на годината добитници се „Спомен-куќата на Мајка Тереза“ за проектот „Тишината раскажува за Мајка Тереза“ од авторот Цветанка Вучковска-Митовска и Музејот на македонската борба – Скопје за проектот „Вики клуб во Музеј на македонската борба“ од авторите Даниела Митевска и Ана Вишинова. Наградата за надворешен музејски соработник му припадна на новинарот Тони Димков за ангажманите во афирмацијата на културата и музејското работење.

Претседателот на МНК Син штит Даворин Трпески истакна дека културното наследство во Република Македонија е загрозено и додаде оти продолжува борбата за подобар третман и за подобри услови за работа во музеите.

Во Даут пашин амам во тек е форумот „Минимум опрема за дејство во вонредни состојби во институциите од културата“, каде се обраќаат претставници од музеите во Република Македонија.