Од љубов (не) се живее...

Често се случува да ја слушнам фразата: „Од љубов не се живее...“

Јас одлучив да го игнорирам тоа „не“ и продолжив по свое. Муабетот дека од љубов не се живее, веднаш ми беше бесмислено. 

Ви се обраќам вам, на оние кои сакаат да го чујат ова. Вие кои слушате, верувате и знаете, вие кои љубите. 

Љубовта и само Љубовта е единственото нешто од коешто се живее. Ајде да размислиме што сѐ произлегува од Љубовта? Она што мене моментално ми паѓа на памет е: убавина, добрина, љубезност, здравје, духовитост, искреност, нежност, милина, љубопитност, среќа, веселба, мир, дисциплина, слушање, разбирање, почит, грижа, слобода, одговорност, доследност, доверба, трпение, одлучност, спонтаност, опуштеност, сила, сосредоточеност, упорност, итн.

Додајте што ќе ви падне на памет и поиграјте си со зборовите во вашата глава.

Љубовта е единственото гориво кое на правилен начин делува на нашиот мотор. И ние имаме свое гориво кое ни помага да живееме. Сите сме ја чуле фразата дека секоја паричка има две страни. Од другата страна на Љубовта, се наоѓа Стравот. Ако ве интересира што сѐ произлегува од стравот, тоа се сите спротивности на работите кои ги набројавме погоре, а кои произлегуваат од Љубовта. Размислете околу тоа. 

Стравот нѐ расипува, кочи, блокира, не ни дозволува да се движиме и често не успорува на нашиот пат. Поради тоа, единствено што има смисла е да го сопреме стравот и да му дозволиме пристап на горивото кое ни е потребно за да бидеме добро самите со себе. 

Љубовта е единственото нешто што треба да ѝ го дадеме на нашата душа за да нѐ води онаму каде што треба, со брзината која е потребна. 

Погледни. Слушни. Анализирај. Објасни. Одговори.

Прифати. Заблагодари се. Одлучи. Побарај. Имај трпение. Верувај.

„Сѐ е возможно, а за невозможното потребно е само малку време.“ (Браун, Д.)