Од каде потекнува легендата дека штрковите ги носат бебињата?

Легендата дека штрковите ги носат бебињата е легенда која сите ние ја знаеме. Речиси секој од нас го поставил прашањето: А како дојдов јас на овој свет, а нашите родители секогаш ни одговарале со: Штркот те донесе.

Оваа легенда е распространета на светско ниво и е насекаде подеднакво позната, но од каде поттекнува и зошто баш штркот е тој што ги носи бебињата, а не некоја друга птица?

Се претпоставува дека приказната за штрковите кои ги носат бебињата поттекнува од Германија. Штрковите се птици преселници, кои на есен оделе на југ. Тие се враќале во пролетните месеци, обично март или април. Бебињата кои се раѓаат во март најверојатно се зачнати некаде во средината на претходната година, во јуни или некој од блиските месеци до јуни.

Во тоа време, луѓето најчесто стапувале во брак на 21 јуни, кој на северниот дел на Земјата е најдолгиот ден во годината. За овој ден, уште многу одамна, се врзани најразлични прослави, но и свадби.

Кога сопружниците ќе ги исполнеле брачните обврски, им останувало да чекаат 9 месеци за да се роди наследникот или наследничката. Раѓањето на голем број деца се поклопувало со враќањето на штрковите и така се претпоставува дека почнала приказната за тоа дека штрковите ги носат децата.

Познатиот дански писател Ханс Кристијан Андерсен во своите бајки ги спомнува децата кои ги донел штркот. Неговите дела помогнале оваа приказна да се рашири и во останатите делови од светот.