Oд јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти

Градоначалникот на Град Скопје на денешната прес-конфенреција истакна дека постигнале договор со компаниите што се занимаваат со закуп на рекламен простор, во делот на билборди и ситилајти, доброволно да отстранат вкупно 240 рекламни објекти од јавните површини во Скопје и покрај тоа што во минатото имаат склучено договор со градот за што платиле извесен надомест.

– Се работи за 120 билборди и 120 ситилајти кои биле легално поставени во најголем дел на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и велосипедистите со што ја намалувале и безбедноста на целокупниот сообраќај. Со тоа првата зона од централното градско подрачје целосно ја ослободуваме од поставените рекламни објекти, а го намалуваме нивниот број и во останатите зони, наведе Шилегов.

Градоначалникот на Град Скопје образложи дека на првата наредна седница на Советот ќе донесат одлука за ослободување на компаниите за закуп на рекламен простор од надоместокот што му го плаќаат на Град Скопје за период од три месеци, но и намалување на 20 отсто од месечната закупнина во понатамошниот период.

– Скопје за жал важеше за град со најгусто поставени рекламни објекти на јавни површини, од кои добар дел се наоѓале на локации каде што не е нормално да бидат (на велопатека или тротоар, на пример). На општо задоволство ваквите слики веќе нема да бидат дел од имиџот на нашиот град, нагласи Шилегов.

Тој посочи дека, покрај легално поставените рекламни објекти, на повеќе локации во градот забележани се и нелегално поставени рекламни објекти што во претстојниот период, исто така, ќе бидат отстранети во соодветна процедура за постапување со нив.