Од денеска до недела сите патишта водат кон Прилеп, започнува најголемата забава во Македонија

Под мотото „ЕДНОСТАВНО НАЈДОБРИ“, вечерва започнува најголемата забава во Македонија и пошироко, 15-тиот по ред ПИВО ФЕСТ.

Организаторите на денешната прес-конференција во Прилеп изјавија дека се е подготвено, и очекуваат уште поголема посетеност и од лани.

Како и до сега, така и оваа година, ќе настапат мега-популарни имиња. Вечерта ќе ја отворат „Ај кју“, а веднаш по нив ќе настапат „Психомодо поп“.

Фронтменот на оваа хрватска група, Давор Гобац, најави дека со гордост повторно по 10 години доаѓа во Прилеп и очекува одлична забава.

-Македонците секогаш имале добар слух, така што и вечерва ќе биде одлично, изјави тој.

За крај на вечерта, бројната публика, која се очекува да дојде, ќе има можност да ги слушне и види „Амадеус бенд“ од Србија.

Градоначалникот на општината Марјан Ристески рече дека градот под Марковите кули е комплетно подготвен.

-Капациетите се преполни, градот е преполн. Скарата која секогаш оди во комбинација со ладно пиво и многу добра музика, почнува да се подготвува. Ќе има бомбастично отворање на најголемата забава во Македонија. Овие денови сите патишта водат кон Прилеп.

Во 17 часот денеска трга првиот бесплатен воз, а покарај бесплатниот воз, овие денови ќе има и бесплатно сместување за сите кампери.

Следува и награда- голем плишан мајмун, за најдоброто селфи-фото, кое треба да се испрати во инбокс на Фејсбук страната на Пивофестивал.мк.

Прилеп Ве очекува. Се што треба да понесете е добро расположение!