Од 1 септември нови правила за упис на средношколците

Сите гимназијалци кои од септември ќе се запишат во прва година, отсега, наместо во третата како досега, ќе треба да одберат насока уште при запишувањето, велат од Бирото за развој на образованието.

Средношколците досега имаа време до трета година да одлучат дали повеќе сакаат да изучуваат природни науки и математика или ќе одберат хуманитарно- општествени науки или јазици и уметности.

– Моравме да одржиме континуитет во образованието по програмата „Kембриџ“. Имаме деца кои се школуваат по оваа програма од прво одделение, сега во средно имаме продолжување на истата. Всушност, ништо не се менува во начинот на упис во гимназиите, освен во начинот на кој ќе се образоваат. Учениците ќе избираат уште при поднесување на документите, дали, на пример, ќе учат по Б-програма или ќе имаат помал фонд на часови по математика и предмети од општествените науки или ќе избираат А-програма каде што ќе има повеќе часови по овие предмети. Има шест насоки: природно-математичка, јазик-уметност и хуманитарно-општествена. Оние што ќе се запишат ќе мора да изберат една од овие шест насоки што требаше да ги избираат во трета година. Ако некој ученик одбрал Б-програма, а подоцна се премисли и сака да учи со повеќе часови математика, во втора година ќе треба да дополага с` што пропуштил по овие предмети во прва. А ако некој сака од А-програма во Б, може тоа да го направи без преполагање – вели Весна Хорватовиќ, одговорна во Бирото за развој на образованието за Дневник.

Во определувањето ќе има влијание и успехот на учениците што го постигнале во основно образование каде што веќе се работи според програмата „Kембриџ“.

Значи, ако некој ученик имал помал успех, на пример по математика, предност при запишувањето ќе имаат оние што имале повисоки оцени. Хорватовиќ вели дека сите ученици кои завршуваат основно училиште, немаат потреба од страв и предрасуди за упис во средно училиште, оти не се воведува ништо ново, само определувањето се врши на почеток од образованието. Kонкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Македонија за учебната 2017/2018 година, обезбедува вкупно 35.909 ученички места и тоа 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански, 918 на турски и 34 на српски наставен јазик во кои се вклучени и паралелките во реформирано двегодишно и тригодишно стручно образование.