ОБЕСШТЕТУВАЊЕ, ПА ПРВА ФАЗА: Последни подготовки за кружниот тек во Припор

Градската власт почна со расчистување на теренот за изградба на улицата Есенинова во Kисела Вода од инфраструктурните пречки кои се наоѓаат на трасата на комплетно новата сообраќајница што треба да се пробие и да се изгради. Kако што објаснуваат од Градот, улицата е зацртана во Генералниот урбанистички план на Скопје и на трасата има трафостаници, магацини, резервоари и други приватни објекти, чии сопственици е потребно да се обесштетат.

До пролет се очекува да почне изградбата на кружниот тек кај последната автобуска постојка на „24“ во Кисела Вода. Во завршна фаза е решавањето на проблемот со имотно-правните односи во тој дел, кои застанаа на патот на реализацијата на проектот.

Практично, кога ќе заврши обесштетувањето, ќе треба да се урнат 15-20 објекти кои се наоѓаат на трасата за продолжување на булеварот „Србија“, особено во делот кај последната автобуска станица на линијата „24“ каде што треба да се гради новиот кружен тек. 

Со пробивањето на оваа сообраќајница, Сопиште и овој дел од Кисела Вода директно ќе се поврзат со Аеродром. Проектот предвидува новата сообраќајница да биде долга 860 метри, да има четири ленти и средишно зеленило, како и тротоари од двете страни на булеварот. Проектот за изградба на булеварот вклучува и изградба на кружен тек со дијаметар од 36 метри на сегашната последна автобуска постојка на линијата со број „24“. Кружниот тек ќе има две коловозни ленти со широчина од 4,75 метри, со пет влеза во него.

Градските власти прогнозираа дека изградбата на овој дел од булеварот „Србија“ ќе заврши во првата половина од годинава. За овој проект од буџетот за 2017 година се предвидени 85 милиони денари.