Нови пет инвестиции во Скопје и 130 нови слободни работни места

Во локалната економска зона „Ограѓа“ во населба Илинден влегувааат пет нови инвестиции, информираат од Општина Илинден. Локалната самоуправа преку електронско јавно наддавање оттуѓи пет градежи парцели наменети за лесна и незагадувачка индустрија, со вкупна површина од 30.000 метри квадратни, во насока на интензивирање на локалниот економски развој и привлекување на домашни и странски инвеститори.

Како што се наведува во соопштението на Општината, на овие парцели свои капацитети ќе почнат да  градат компаниите „Мултипром“, „Вертиго дизајн“ и „Деус биб“. Според најавите од инвеститорите во новите погони ќе бидат инвестирани околу 8 милиони евра, при што ќе бидат отворени 130 нови слободни работни места.

Овие компании на новите локации ќе градат погони за производство на кондиторски производи, магацински и деловен простор, како и шпедитерско- транспортни капацитети.

Со ова Општина Илинден и натаму останува максимално посветена на предизвикот кон инвестициите и отворањето нови слободни работни места, во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, а и во иднина ќе се залага за намалување на стапката на невработеност која во моментот е под 10 проценти.