Нови пет инвестиции и 130 нови слободни работни места во Општина Илинден

Во локалната економска зона „Ограѓа“ во населба Илинден влегувааат пет нови инвестиции. Во насока на интензивирање на локалниот економски развој и привлекување на домашни и странски инвеститори, Општина Илинден преку електронско јавно наддавање отуѓи пет градежи парцели наменети за лесна и незагадувачка индустрија, со вкупна површина од 30.000 метри квадратни.

На овие парцели свои капацитети ќе почнат да  градат компаниите „Мултипром“, „Вертиго Дизајн“ и „Деус Биб“. Според најавите од инвеститорите во новите погони ќе бидат инвестирани околу 8 милиони евра, при што ќе бидат отворени 130 нови слободни работни места.

Овие компании на новите локации ќе градат погони за производство на кондиторски производи, магацински и деловен простор, како и шпедитерско транспортни капацитети.

Со ова Општина Илинден и понатаму останува максимално посветена на предизвикот кон инвестициите и отворањето на нови слободни работни места, во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. И во иднина, во континуитет ќе се залага за намалување на стапката на невработеност која во моментот е под 10 %.