Нови душеци и мебел за градинката „Расадник“ во Кисела Вода

Нови 300 креветски душеци, постелнина, гардероба, плакари, теписони, пластични анатомски и дрвени столчиња, како и 23 масички добија дечињата што ја посетуваат градинката „Расадник“ во Кисела Вода. Од општината Кисела Вода велат дека и во иднина ќе се заложуваат да ги подобрат условите за децата во градинките и ќе продолжат со вакви активности. Оваа година подобри услови за престој во градинките добија децата што ги посетуваат објектите на јавната детска градинка „8 Март“.

– За дечињата што поголемиот дел од денот го поминуваат во градинката „Расадник“ се набавени 300 нови душеци за рекс-креветчињата, нова постелнина, нови гардероби, плакари за складирање на детските креветчиња, теписони за игра, повеќе пластични анатомски столчиња, нови 124 детски дрвени столчиња и 23 масички. Покрај ова, во објектот „Расадник“ целосно се обновени седум тоалети. За децата што ја посетуваат градинката во населбата Пржино се набавени 200 душеци за детските рекс-креветчиња, нова постелнина, детски столчиња и масички, теписони за игра, гардероби за сите простории, потемнувачки зебра-завеси, клупи за соблекување и облекување чевли и анатомски пластични столчиња – информираат од општината Кисела Вода.

Од оваа скопска општина додаваат дека објектите на „8 Март“, „Пеперутка 1 и 2“ се опремени со нови душеци за бебешките креветчиња, анатомски пластични столчиња и повеќе теписони за игра и забава на децата. Нови теписони се набавени и за објектите „Стапалче“, „Ѕуница“ и „Зелениково“.