Нова странска инвестиција, ќе отвори 300 работни места

Нова американска компанија која ќе отвори околу 300 директни работни места влегува во Македонија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска истакна дека компанијата веќе започнала да го средува браунфилд објектот каде ќе биде лоцирана. Станува збор за фабрика во делот на медицинската индустрија.

-Освен оние две инвестиции кои неодамна ги објавивме, едната во Желино во потенцијални 350 вработувања и едната во Скопје во рамките на поранешната фабрика Охис со 200 вработувања, има веќе донесена одлука и купена опрема за отворање на нова фабрика во делот на медицинската индустрија во општина Кривогаштани. Се работи за инвестиција на американски инвеститори кои веќе најдоа браунфилд објект, го реновираат и адаптираат, ги прибавуваат потребните дозволи, ја набавија опремата и очекувањата се дека најдоцна за два месеци од сега, а може и порано, ќе започнат со работа и ќе вработат околу 300 луѓе. Заедно со претходни 550 вработувања, тоа се нови 850 директни нови работни места во услови на тешка криза, во услови на напори на СДСМ во секој поглед да ја закочи државата, истакна Груевски.

Тој посочи дека има континуирани разговори со многу инвеститори, дека кризата направила свои проблеми инаку веројатно бројот на инвеститори ќе бил поголем, но се уште напорите на владините институции даваат ефект.