Нов рок за доставување на барања за легализација на дивоградби

Владата на денешната седница го усвои предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со цел на граѓаните да им се даде повеќе време за прибирање на потребната документација за легализирање објекти.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на прес-конференција во Владата информираше дека според измените на Законот за легализација, започнувајќи од први јануари 2018 година граѓаните ќе имаат 12 месеци да ги докомплетираат потребните документи за легализација. Овој закон важи само за објектите изградени од први март 2011 година.

„По анализата, Министерството за транспорт и врски утврди дека во Република Македонија во процес на легализирање се 186 илјади објекти кои граѓаните од различни причини не успеале да ги легализираат“, изјави Сугарески.

Како што објасни министерот за транспорт и врски, единиците на локалната самоуправа ќе бидат задолжени да ги информираат странките кои не доставиле комплетна документација да го сторат тоа во определениот рок.