Нов напад на куче врз 9-годишно дете од Катланово

Деветгодишно дете од Катланово викендот завршило на Инфективна откако било каснато од куче, јавува Сител.

Поради сериозноста на повеќето повреди, лекарите го задржале на болничко лекување. Изминатите три дена имале уште 7 прегледи на лица нападнати од кучиња, и сите биле амбулантски третирани. Инфектолозите велат дека месечно имаат стотина вакви случаи кои добиваат терапија против беснило. Велат најважен е соодветниот третман.

-Досега сме немале случај на пациент да добие беснило по каснување од куче. Најважно кај ваквите пациенти е брзата реакција и секако да добијат соодветна терапија, вели др. Марија Цветановска од Клиника за Инфективни болести за Сител.

Во меѓувреме има зголемен број на пријави од скопјани за агресивни кучиња во кругот на скопските клиники како и неколку основни училишта и градинки во Ѓорче Петров, Бутел и Ченто. Екипи на Комунална хигиена за една недела заловивле десетина кучиња скитници и ги однеле во стационарот Вардариште. Граѓаните ги пријавиле на дежурниот телефон бидејќи ја загрозувале безбедноста на децата.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочија дека за овој проблем најголемата одговорност е кај локалните власти кои мора да обезбедат стационари за згрижување на кучињата скитници.