Нов булевар од Сајмиште до Аеродром - ќе се уриваат куќи во Ќерамидница

До крајот на оваа или на почетокот на следната година би започнала изградбата на новиот булевар од Сајмиште до Аеродром, како и на мостот преку Вардар кај салата „Јане Сандански“, објасни градоначалникот Kоце Трајановски на последната седница на Советот неодамна, на која на дневен ред беа советнички прашања.

Булеварот би почнувал од улицата Беласица кај „Скопски саем“, би поминувал покрај „Kаросерија“ на ФАС „11 Октомври“ и преку Вардар ќе се спои со булеварот АСНОМ кај салата „Јане Сандански“ и ќе води до последна „5-ка“ и улицата Тодор Чангов во Лисиче.

Проектот е составен од две фази, од кој првата почна да се реализира во јануари, а тоа е реконструкцијата и проширувањето на делот од АСНОМ од последна „5-ка“ до првите куќи на „Тодор Чангов“ во Лисиче.

Во однос на втората фаза, која е капитален и скап зафат, но и многу значаен за Скопје, Трајановски рече дека градската власт изработела една сообраќајна студија која е дадена во Општина Гази Баба на одобрување, пишува Дневник.

- Со таа студија е замислено булеварот да поминува покрај патот што сега го има во населбата Ќерамидница, односно да не се прави онака како што е предвидено во Генералниот урбанистички план на Скопје, бидејќи така многу куќи треба да се рушат. Општина Гази Баба потребно е да го направи детаљниот урбанистички план, па да даде одобрување на студијата. Очекуваме да биде одобрена во април-мај, по што ние почнуваме со инфраструктурни проекти, со основни сообраќајни и градежни проекти. Задоволство ќе биде ако стигнеме да започнеме кон крајот или почетокот на наредната година - најави Трајановски.

И од халата на ФАС „11 Октомври“ и од „Автогума“ 4-5 куќи ќе треба да се експроприраат и да се урнат, да се прави мост, така што тоа е еден поголем зафат. Но, ќе биде еден од значајните проекти што Градот ќе ги прави - посочи скопскиот градоначалник, дополнувајќи дека важноста од неговата изградба е тоа што ќе претставува нова сообраќајна порта за општина Аеродром кон центарот на Скопје. Во моментов тоа се само улиците Трета македонска бригада преку „Тутунски комбинат“ и булеварот Јане Сандански преку Транспортен центар. Со надоврзување и изградба на улицата Индустриска новиот булевар ќе  користи и на општината Гази Баба, за влез и излез, за што сега најчесто се користи булеварот Александар Македонски.

Што се однесува до првата фаза од проширувањето на АСНОМ во Ново Лисиче и Лисиче, Трајановски информира дека изведувачот „Бетон“ се очекува да ја заврши изградбата до јули-август годинава.

Станува збор за траса со должина од 428 метри, на потегот од објектот на Фудбалската федерација на Македонија до првите куќи на улицата Тодор Чангов. Според проектот, булеварот ќе добие четири ленти, средишни жардиниери, осветление, тротоари, велосипедска патека и зеленило. Предвидена е и изградба на нова крстосница помеѓу булеварите АСНОМ и Февруарски поход. Во тој дел ќе се изведат и две автобуски постојки.