Никогаш немој да се изневериш себеси

Предавството. Предавството е најлоша работа. Деветтиот круг на пеколот. Но, не кога некој друг ќе ве изневери, туку кога ќе се изневерите самите себеси. Кога ќе сфатите дека сте ја продале својата среќа, дека сте ги погазиле своите соништа и дека сте ја згаснале својата страст. Речиси и да сте го замолчеле тој ваш внатрешен глас и сте го згаснале оганот кој гори во вас. Желбата за животот. Попатно сте заборавиле на вистинското живеење со радост и среќа. Онака баш искрено и во склад со себе. 

Тоа за мене не најтажната глетка која ја среќавам кај луѓето. Кога очите повеќе не сјаат и кога повеќе не веруваат дека има надеж за нив. Кога во текот на животот почесто исполнувале туѓи желби, отколку свои. Кога исполнувале некакви норми, а тие самите не биле исполнети. Кога дишат, а исто како да не се живи. И се гушат во чувството на вина и тонат сѐ подлабоко. Па тогаш ги обвинуваат сите останати, некои свесно, некои несвесно. 

А најлошо е што во длабочината на нивната душа знаат дека тоа било нивен избор и дека можеле поинаку. Само ако се послушале себеси и ако биле малку похрабри, малку поодлучни. Ги теши спознанието кога ќе им кажам дека дале сѐ од себе. Затоа што и тоа е точно. И ги разубедувам од помислата дека нема повеќе надеж за нив. Затоа што има. 

Секој ден е нов повик. Секој ден почнуваме одново. Ништо не е непоправливо, затоа што сѐ додека дишеме можеме да одлучиме да направиме нешто поинаку. Не мораме да живееме во пеколот којшто сме го создале. Ако ништо друго, тогаш треба да знаеме дека како што сме создале пекол, можеме да создадеме и рај за себе. Прво во себе, во своето срце и ум, па потоа и во нашиот живот. Никогаш не е доцна, баш никогаш. Освен ако ние не одлучиме така. Целосната одговорност лежи во нас.

Не може никој да ни ја згасне среќата, освен ако ние не го дозволиме тоа. Колку и да мислите дека треба да се жртвувате за другите да бидат среќни, запомнете дека ништо не можете да им дадете ако и самите не сте ИСКРЕНО СРЕЌНИ: Само така можете навистина да придонесете во туѓиот живот. Сѐ останато е залудно. Не можете да ја сокриете енергијата која ја зрачите. Ако и вие сте во мрак, не можете никако да осветлите некој друг. 

А знам дека сакате. И знам дека можете. И знам дека имате најдобри намери. Само прво почнете од себеси. Тргнете ги тие окови кои самите сте си ги наметнале. И живејте го својот живот по своја мера. Според сопствените вредности. Исполнети и среќни. Тоа е единствениот рецепт. И ако живееме така, ќе почнеме да го живееме најдобриот живот и нема да има простор за никакви каења, ниту ќе жалиме за потрошеното време. Затоа што ќе знаеме дека навистина сме живееле.