Несовршеностите на Скопје – прочитајте кои навики треба да ги промениме

Скопје е град кој за миг може да ве освои со убавината со која плени, насмевките на луѓето, вревата која се слуша од сите страни, но доколку сте турист во Скопје можат да ви се случат несекојдневни работи и да бидете сведок на лоши навики, кои се вистинска реткост во градовите во Европа, но за жал кај нас се уште се случуваат. Оваа тема ја поттикна една наша читателка која редовно не известува за згодите и незгодите во Скопје, па овој пат ни раскажа една случка, која беше доволна причина да ги истражиме и другите несовршености во нашиот град.

-Секогаш кога преминувам пешачки премин внимавам на автомобилите, бидејќи тие не секогаш застануваат, а за жал тоа е една од лошите страни кај возачите во нашиот град. Во центарот на градот, кај трговскиот центар Рамстор, преминував улица, а иако бев на половина пешачки премин, возачите притискаа на педалата за гас и продолжуваа да возат, а во еден момент пешакот што беше покрај мене ми се обрати. Тој беше странец, говореше на англиски, беше зачуден и ме праша: Зошто не застануваат автомобилите, ние сме на половина пешачки премин? Се обидов накратко да му објаснам дека мора да внимава без разлика дали има обележан пешачки премин или не. Остана збунет, па ме праша и дали ова често се случува? Му одговорив да, и го советував дека е најдобро да биде внимателен кога поминува улица во главниот град.

Токму оваа случка не поттикна со нашите читатели да ги споделиме другите навики на нашите граѓани, а се надеваме дека некои од нив што поскоро ќе се променат за да оставиме одличен впечаток кај туристите, кои се повеќе ги има во нашиот град.

-Во Скопје може да наидете на голем број паркирани возила на тротоарите, а притоа пешаците да немаат каде да се движат.

Најдобро е возачите да ги паркираат автомобилите на обележани паркинг места или во катните гаражи и на тој начин нема да го ускратуваат слободното движење на пешаците.

-Голем дел од возачите не застануваат на пешачки премин да ги пропуштат пешаците.

Пешачкиот премин е слободна зона каде што се движат пешаците, намалета ја брзината кога се приближувате до пешачки премин, запрете ги автомобилите и дозволете пешаците да ја преминат улицата, а пак, пешаците да бидат внимателни и да не истрчуваат на пешачкиопт премин штом ќе го здогледаат, бидејќи некои автомобилите заради брзината не можат веднаш да го запрат возилото.

-Туристите кои доаѓаат да го посетат Скопје, се изненадуваат кога на улиците и булеваритеќе ги видат коњските кочии.

Иако е забрането, коњските кочии се уште се дел од нашиот сообраќај. За туристите се интересни, но за возачите е најдобро да возат внимателно во нивна близина и да ги заобиколат кога ќе ги сретнат.

-Дел од граѓаните се уште ѓубрето го фрлаат на улица, од автомобилите во движење или пак, од тераса.

Навиката за фрлање ѓубре во канта за отпадоци се уште споро се развива кај нашите граѓани, па сведоци сме како отпушоци и секаква хартија се фрла на улиците, а честа појава е и фрлање на кеси со ѓубре од тераса во обид да се погоди контејнерот. Бидете совесни граѓани и грижете се за вашиот град.