Непроценливо е чувството да се биде причина за нечија насмевка

Да се биде љубезен не чини ништо, а може да ни донесе многу поволности. За љубезност не се потребни ни пари, ниту пак некој преголем труд. Убавиот збор и железни врати отвора, барем така вели старата народна изрека. Убавиот збор може некому да му го разубави денот, да го поправи расположението, па затоа и не ги штедете убавите зборови. Секогаш трудете се да бидете љубезни кон сите. 

Љубезноста е толку ретка во ова модерно време, што често и се чудиме кога некој е срдечен и подготвен да помогне, сослуша, иако тоа однесување би требало да биде сосема нормално. Можеби би требало да се замислиме и да се преиспитаме како се однесуваме кон другите луѓе. Љубезноста навистина може да ни донесе многу поволности. Луѓето многу повеќе ги ценат оние кои се пристојни отколку оние кои се надмени и мислат дека другите не се достојни за убав збор и гест. 

За да изградиме поубав свет за живеење, љубезноста е неопходна алатка. Уште од најраните години треба да ги учиме децата за важноста и моќта на убавиот збор. Тоа не значи дека треба да ги научиме кога да велат: „Благодарам“ и „Извини“, туку навистина да го чувствуваат тоа кога го изговараат. Децата ги присвојуваат навиките на своите родители, затоа бидете им добар пример, затоа што само така ќе станат луѓе кои ги почитуваат сите луѓе, а со самото тоа ќе бидат почитувани од околината.

Надмените луѓе не проаѓаат добро во животот, а со таквото однесување, најголема штета си нанесуваат на себеси. Непристојноста никаде не се цени и така не се постигнува успех во ниту едно поле во животот. Таквите луѓе во себе најчесто кријат голема доза незадоволство, тага и бес и не гледаат подалеку од носот. Тоа однесување е еден вид одбранбен механизам, па затоа не им замерувајте многу. 

Обидете се да бидете добри кон другите луѓе, а тоа многумина ќе го ценат. Љубезните луѓе шират позитивна енергија, а таа е најважното нешто во животот. Дури и ако некој е груб и непристоен кон вас, не враќајте со иста мера. 

Љубезноста не е само важна животна лекција која можеме да им ја пренесеме на нашите деца, таа е многу повеќе од тоа. Љубезноста е начин на живот. Начин на живот со кој им покажуваме на другите дека светот може да биде многу подобро место.