Неподносливата леснотија на скопскиот хаос...

Се будиш наутро и неволно излегуваш од дома, си замислуваш како ќе го испиеш првото утринско кафе за да можеш да функционираш. И уште од првиот момент, уште со првиот чекор надвор од влезот, веднаш се случува нешто коешто ќе те извади од такт.

Ви текнува на оние мотивациски пораки од типот: „Живеј, сакај, смеј се“ или „Живеј го секој ден со позитивни мисли“? Има еден куп такви пораки. Ама сигурна сум дека ниту една од нив не е напишана од некој кој живее во Скопје. Од каде инаку би имал толку нерви за толку позитивна енергија? Јас навистина би сакала да „живеам, сакам и да се смеам“, но самото битисување во Скопје го прави тоа речиси невозможно.

Уште од првиот момент кога ќе излезам од дома, веднаш налетувам на намуртени лица, кои уште повеќе се муртат кога ќе им кажеш „Добро утро“, небаре си им побарал 1000 евра на заем. Потоа влегуваш во продавница да купиш нешто за јадење и секогаш има некој кој се прави наудрен дека не го забележува редот и си доаѓа директно на каса, игнорирајќи ги сите останати кои влегле во продавницата пред него.

Ако си пешак, знаеш дека додека да стигнеш до работа, макар работното место и да ти е преку улица, сигурно едно два-три пати ќе имаш опасна средба со автомобил, кој ќе закочи на милиметар од тебе, иако ти прописно си поминуваш на пешачки. Во најдобар случај, на истиот тој пешачки, ќе добиеш намуртен поглед и свирење од свирката, како божем ти да правиш прекршок што поминуваш на пешачки. Секој вози како сака, пешаци прескокнуваат жардинери, велосипедисти си возат по улица додека гледаат во мобилен и се со слушалки во уши, небаре тие се Богови па ние сите треба да се раководиме според тоа тие како сакаат да возат. А и овие со електричните тротинети не се зафркаваат. Иако мислам дека се интересни и корисни, сепак сфатете дека не сте автомобили и не, не можете да возите по средна лента на коловоз. Малку основна логика, ве молам.

Не дај Боже истиот ден да се погоди да треба да одиш во банка. Настрана гужвите и редовите, кои доволно е да направат да ти играат нервите, па уште треба да ги трпиш сите оние луѓе кои се провлекуваат со: „Извинете, само да прашам“ и остануваат 10 минути на шалтер. Ајде мајката, како нас не ни текна тоа, изгледа ние сите што културно чекаме во ред сме идиоти, м?

Па уште ако треба после да отидеш до некоја институција да завршиш работа, „пиши пропало“ на целиот ден. Сигурно ќе начекаш пауза (изгледа секогаш е пауза), а ако не начекаш пауза ќе начекаш некој кој ќе се напне што си дошол на шалтер и ќе се пцуе  себеси затоа што не му ја шмугнал порано на пауза и сега треба со тебе да се замара.

И така некако прошол работниот ден и иако не си физички уморен, веќе си психички уморен. Уморни сме од секојдневниот хаос во ова Скопје во кое не се знае кој пие, а кој плаќа. Нема никаков ред. Па и во џунглата драги мои има некаков ред. Скопје не е џунгла. Понекогаш посакувам да беше, барем немаше да морам да го трпам пеколното скопско лето кое ни сама не знам како го преживувам.

И сите сме такви. И уморни и утепани, немаме енергија ни да седнеме на кафе со пријателите после работа. И секој ја исфрла негативната енергија на оние кои не му се криви, па потоа тие ја примаат таа енергија и ја исфрлаат на некој друг и така тоа е еден магичен круг кој прави да се изнервираш уште од моментот кога ќе излезеш од дома.

За ноќниот живот не ми се ни зборува. Еден куп исто облечени клонови, безлични копии без тронка индивидуалност. Но, за тоа во некоја следна прилика.

Поентата ми беше дека сите сакаме да бидеме во фазон „Сакај, смеј се, живеј“. Ама пустата неподнослива леснотија на скопскиот хаос нѐ има грабнато во своите канџи и не ни дава да мрднеме. Иронично е што таа канџа ќе попушти кога ние сите колективно ќе се промениме на подобро, ама изгледа надежта за тоа е речиси непостоечка...