Нема скијање на Галичица! Државата и официјално се откажа од изградба на центарот

Државата и официјално се откажа од планот за изградба на ски-центар на Галичица.

Нема да се градат овие инфраструктурни проекти, бидејќи се во заштитената зона на националниот парк, за да не се загрози статусот на Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.

Владата ги прифати препораките на мониторинг мисијата која уследи по одлуката на Комитетот за светско наследство усвоена на 41-та сесија одржана минатата година во Краков, Полска, и го задолжи Министертвото за култура во рок од десет дена да ја извести светската организација за преземените итни мерки за зачувување на УНЕСКО статусот на Охрид.

Како што се посочува, се работи за зачувување на статусот на “Светско наследство на УНЕСКО” на Охрид неоходно е трајно откажување на плановите за изградба на проектот за ски-центар на Галичица, како и изградба на патната инфрастуктура.
Истовремено започнува процесот на Стратегиска оцена на животната средина (СЕА) за Планот за управување со Охридскиот регион (2016-2025).

Формирана е Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, која веќе го имаше својот прв состанок на први овој месец.

Исто така УНЕСКО бара и стопирање на процесот на легализација на бесправно изградените објекти во заштитени зони во Охридско, се додека не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти. Во наредниот период централната и локалната власт ќе бидат исправени пред сериозен тест за да не се случи Охрид да биде отстранет од листата на Светско наследство.