Нема ништо лошо во тоа да сакаш старомодна љубов

Како успеавме да стигнеме од излегување на рандевуа до повремено зезање? Дали сите одеднаш гласавме да престанеме со меѓусебно подлабоко запознавање? Ако одговорот е ДА, тогаш барам прегласување.

Може ли некако да го вратиме џентлменството и убавите манири? Ова важи и за мажите, но и за жените.
Сакам да отидам на вистински состанок, а не да добијам полупијана порака после 23:30 часот.

Што се случи со излегувањето и шетањето во парк? Ви текнува на оние симпатични први состаноци во парк кога и двајцата се срамите, а сепак има некоја магија во воздухот? Знам, знам, и јас ги имам заборавено, одамна се случуваа.

Сѐ поретки се и првите состаноци во кино или одењето на театар. А со нив исчезна и возбудата откако ќе излезете и наредниот половина час да зборувате за вашите впечатоци.

А сигурна сум дека не можете да се сетите кога последен пат сте излегле на рандеву со некого само за да танцувате во ритамот на музиката, без алкохол, без очекувања за нешто повеќе, едноставно да се забавувате и да постоите само вие двајца на овој свет.

А каде ли исчезнаа сите оние долги повици полни со смеење и шеги? Во ера на Фејсбук и Вибер, заборавивме што значи да разговараш со некого по телефон и да заборавиш дека постои време и простор.

Сакам романтика. Ги сакам пеперутките во стомакот кога ќе го видам како ме чека на договореното место, бидејќи дошол 5 минути порано. Ја сакам огромната насмевка на моето лице кога ќе видам дека ми ѕвони за да ми го слушне гласот.

И тоа не би требало да биде некаква невозможна мисија.