Некој мора да остане...

Имам 40 години, 20 години работен стаж, малку помалку години откако сум родител, многу рани и убавини на душата, распарчени, па составени денови, неколку вистински пријател, многу книги и фотографии, потребна, но и непотребна гардерода, нормална шминка... Поседувам мебел купен со помош на кредит, стан и автомобил купени со продажба на наследен имот, три патувања на море и неколку шетања наваму-натаму. Имам неколку дипломи, курсеви и признанија. Пораснав насекаде по малку, во радиус од 20 километри.

Кога зборувам за своето детство, како да раскажувам приказна од некое далечно место. Знам што е училишна образовна програма, зимско кино и кој е Бранко Коцкица. Ја гледав емисијата „Опстанок“, распустите ги поминував кај баба и дедо на село, собирав сено, цвеќиња, полжави, газев боса по тревата. Се радував кога во 19 и 15 часот ќе ги пуштеа цртаните кои ги гледав пред спиење. 

Сѐ и сешто имаше во овие мои 40 години, Години на инфлација, трпење, чекање, тага, грижи, неизвесности, чекање во редови, распад на една држава и уште многу ужасни работи. Насекаде имаше ужас и страдање. Не знам како, но пливав. Во деновите кога беше најтешко си кажував дека проблемите се тука и јас никако не можам да побегнам. Или ќе го решам проблемот или тој сам ќе се реши, но морам да пливам. И да, имаше убави денови. Поминати со сакани луѓе, родители, сестра ми, пријателите, семејството. Имаше денови кога сакав што сум тука и што тие се тука. Имаше родендени, слави, песни, насмевки, имаше од сѐ по нешто. 

Денес ме прашуваат зошто не си заминам, некаде што подалеку, затоа што во оваа земја има разочарувања насекаде. За мене оваа земја не се политичките партии, ниту поединците, ниту негативците, ниту бизнисмените, арогантните луѓе, лажните моралисти и пропагандисти...Мојата земја се преубавите пејсажи, планините, реките, билките, добрите и срдечни луѓе кои сѐ уште ги има, иако поретко се среќаваат. Сакам сѐ уште да ги запознавам. Да им пратам разгледница и слика на оние кои за жал си заминаа. Некој мораше, некој можеше и собра храброст, јас некако не можев да го направам тоа, не можев да си заминам. 

Имам 40 години и голема желба да имам мир, да ги слушам птиците и да ги прегазам сите ливади. За што е виновна оваа наша држава? За ништо. Виновни се луѓето.. виновни сме сите што се распрснавме на сите страни на светот, барајќи трошка подобар живот. Секој си има зацртано некој свој пат. Некој е таму по белиот свет и тоа е добро. Јас ќе останам тука, со уште неколкумина да им се радувам на нивните доаѓања и со солзи во очите да ги испраќам. Некој мора да остане за да шири светлина и да се бори со мракот. Некој мора да остане и да го чува ова наше мало место под сонцето.