Неделна агенда на културни настани и случувања во Скопје

Скопје е град кој секојдневно изобилува со интересни и креативни културни настани. Еве го пресекот од најинтересните настани и случувања кои може да ги посетите овој викенд и во текот на наредната недела:

Скопско лето

Годинава на „Скопско лето“ предвидени се 40 вечери исполнети со уметност од околу 900 учесници во 52 програмски термини, од кои 19 музички настани, 10 ликовни изложби, 11 филмски проекции, 9 театарски претстави и други содржини, кои ќе бидат презентирани од домашни и изведувачи од 19 држави во светот.

„Мајсторот и Маргарита“ вечерва во МНТ

Театарската претстава „Мајсторот и Маргарита“ на авторот Михаил Булгаков, во режија на Иван Поповски ќе биде прикажана вечерва во Македонскиот народен театар, во рамки на Скопско лето 2016.

„Скопско лето“ дава исклучителен придонес кон богатата туристичка понуда на Скопје. И оваа година програмите ќе се реализираат на 19 локации и простори во Скопје, како што се: театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, Куршумли ан, централното градско подрачје и други, кои што во квечерините на летото се претвораат во летни сцени, добивајќи нов лик и функција.

БЕСПЛАТЕН ЗУМБА ЧАС ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА АЕРОДРОМ!

Општина Аеродром и фитнес клубот „Фит уан“ организираат бесплатен ЗУМБА фитнес час во сабота, 25.6.2016 година, од 19:30 до 20:30 часот, во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, популарно наречен од жителите на оваа населба – сатдионче.

Во ритамот на македонските традиционални уметности и занаети

Над 20 ракотворци од Македонија денеска во рамки на настанот „Во Ритамот на Македонските традиционални уметности и занаети“ ќе ги престават своите дела.

Настанот го организира Добредојде Македонија welcome центарот, кој ќе се одржи во црквата Свети Спас од 11 до 19 часот, а ќе го отвори   Кејпи А. Полк, сопруга на американскиот амбасадор во Република Македонија.

Целта е да ги промовира уникатните карактеристики на македонското нематеријално културно наследство пред македонската јавноста и меѓународната заедница во државата.  Преку јавни презентации и демонстрации мајсторите ќе ги покажат своите вештини и познавања за негување на традиционалните уметности и занаети како филигран, дрворез, ткаење, ќерамика и изработка на накит.

Програмата на настанот содржи неколку работилници каде посетителите ќе имаат можност да научат од експертите и да експериментираат со традиционалните техники.

Настан е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Балканско првенство во џудо за пионери и пионерки „Скопје 2016“

Балканско првенство во џудо за пионери и пионерки „Скопје 2016“ ќе се одржи викендов во Скопје со повеќе 350 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Македонија.

Skopje Pride Weekend

По четврти пат во Скопје ќе биде одржан популарниот „Прајд викенд“. Почнувајќи од денес, се до 26-ти во организација на ЛГБТИ-Центарот при Хелсиншкиот комитет и Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, во киното „Култура“ ќе се одржат низа настани чија цел е промоција на правата и начинот на живот на луѓето од маргинализираните заедници.

Климатскиот камп во Скопје: 9 тимови ќе се натпреваруваат за награда од 10.000 долари

Во април годинава, УНДП и УСАИД објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, предизвикот има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.

Ноќно искачување на Водно 

Иницијативата „Осветли го Скопје“ организира ноќно качување на планината Водно до Милениумскиот крст на 30-ти јуни.

Настанот е од јавен карактер и може да учествуваат сите кои се чувствуваат подготвени да се искачат до познатиот крст на Водно. Времетраењето на искачувањето е помеѓу час и половина и два часа, по патека со должина од речиси 5 километри.

Збирното место на авантуристите ќе биде основното училиште „Кочо Рацин“ нешто по 19 часот. Организаторите ги советуваат учесниците со себе да понесат, топла облека, вода и овошје, како и фенерче.