Не дозволувај да те составуваат скршени, а да те водат изгубени луѓе!

Признавам, се плашам да ги изгубам луѓето кои ги сакам. Отсекогаш. Се плашам и од тоа дека трчајќи низ животот ќе останам без воздух и ќе се превртам некаде. Во прилог на ова оди и мојата крвна група (имам анемија уште од дете).

Се плашам дека ќе се посрамотам пред луѓето на кои им се восхитувам, иако веќе долго сум свесна за своите квалитети и за тоа дека знам да се носам со различни луѓе. Се плашам од некои работи, можеби малку нерационални, но не се плашам од тоа дека која било нерационалност ќе го помати мојот чист поглед на светот. Сепак, одвреме-навреме, животот нѐ наградува со поматување и луѓе кои оставаат матна трага зад себе иако на прв поглед изгледале дека се брутално „чисти“.

„Сличните се пронаоѓаат еден со друг“. Тоа е една од моите животни водилки. Наивна сум и тоа јавно го признавам, секогаш одмавнувам со раката кога мојата интуиција ќе ми мавта обидувајќи се да ми каже каква е личноста. Но, кој ја врти интуицијата сѐ додека владееш со здравиот разум, зарем не? Е па тоа е мојата прва грешка. И воедно и најголемата.

Јас секогаш кажувам која сум. Тоа го правам со сите луѓе. Им се откривам баш онаква каква што сум, иако сум свесна дека многумина би сакале некоја посовршена и поприлагодена верзија на мене. Но, јас за тоа немам ниту време, ниту нерви, ниту инспирација. И тоа е сѐ што сакам да ви кажам, а вие како сакате.

Треба да знаете дека луѓето ве сакаат, ценат и почитуваат дури и кога не сте совршени и тоа е за мене смислата не само на човечките односи, туку и смислата на животот. Секако дека ќе има луѓе кои нема да можат да ги поднесат вашите маани, а уште поважно ќе има луѓе кои нема да можат да ве поднесат вас, баш затоа што стоите зад себе и зад своите маани. Иронично, зарем не? А толку ослободувачки!

И затоа внимавајте кого пуштате во својот живот.
И затоа не верувајте кога ви велат дека вашите маани се лоши.
И затоа слушајте го гласот на вашата интуиција кога тивко ќе ви каже: Застани.
И затоа не дозволувајте, денес или кој било друг ден од вашиот живот, да ве составуваат скршени, а да ве водат изгубени луѓе!