Наумоски: Смената на наставници во ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски” е законска

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров вели дека смената на наставници во ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски” е законска.

Процедурата од добивање согласност од Министерството за образование и наука за распишување оглас, до избор на стручни кандидати кои се пријавија на огласот, па сè до склучување договори со нив е според законската регулатива, вели градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, во врска со бојкотот на наставата од второ полугодие од страна на родители на деца од 2А одделение од ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски”, поради промена на неколкумина наставници.

Тој вели дека на сменетите наставници им истекле договорите за работа на определено време и дека на нивно место се поставени нови.

„Во консултација со в.д. директорот, информиран сум дека станува збор за избор на квалитетни одделенски наставници кои навремено беа поставени на место на неколкумина од ова училиште на кои им истекоа едногодишните договори за работа на определено време. Истовремено, наставата од второ полугодие почна без проблеми во сите останати училишта на територија на општината, вклучувајќи ги и оние каде имаше промена на кадар, односно станува збор за бојкот на родители од едно одделение“, вели Нумовски.

Родителите на учениците од 2А одделение во ООУ „Димитар Поп Георгиев –  Беровски“ во Ѓорче Петров денеска информираа дека нема да ги пуштат децата на училиште поради незадоволство од смената на одделенските наставници.