Наместо те сакам...

Наместо те сакам,
ќе ти напишам песна
ќе ти оставам утринска порака на огледалото во тоалетот
ќе ти ја купам омилената чоколада
и ќе ти сварам чај кога ќе бидеш болен.
Наместо те сакам,
ќе ти кажам да се облечеш топло
затоа што надвор е ладно
ќе те приберам под мојот чадор
и ќе се трудам да те заштитам повеќе од себе.
Наместо те сакам,
ќе ти ги придржам ќесите од продавницата,
ќе те покријам со мојот капут
и ќе глумам дека не ми е ладно,
ќе те прегрнам и тоа ќе ми биде доволно.
Наместо те сакам,
ќе останам будна цела ноќ
и со тебе ќе ги бројам ѕвездите на небото,
ќе дозволам секоја да биде твоја
и секоја која ќе падне да ја оствари твојата желба.
Наместо те сакам,
со тебе ќе отидам на изложби кои не ме интересираат,
ќе гледам акциски филмови кои ужасно ме нервираат,
ќе ги одложам обврските за тој ден
и ќе те ставам на прво место на мојата листа на приоритети.
Наместо те сакам,
ќе станам пред тебе за да ти сварам кафе,
и ќе ти кажам дека ќе те соберам затоа што одам во тој правец,
дури иако е на другиот крај на градот,
ќе ти кажам дека е во ред тоа што понекогаш доцниш.
Наместо те сакам,
ќе ти пратам порака штом се разделиме,
ќе ти признаам дека ми недостигаш секогаш кога ќе си отидеш,
ќе ти раскажувам бајки со среќни краеви
и ќе те штитам од лошите вести од насловните страни на весниците.
Наместо те сакам,
целото мое битие ќе го вришти тоа,
и со сите свои дела ќе ти го докажувам тоа.
И ќе ги кажам сите други зборови на светот,
наместо „Те сакам“...