Наместо бесплатни Карпош ќе ги субвенционира ужинките на учениците

Општината Карпош одлучи да ги субвенционира оброците на учениците од сите основни училишта на својата територија. Со одлука на советот, оваа учебна година учениците ќе имаат можност да добиваат поевтина ужинка, со тоа што општината ќе покрива 50 проценти од месечната цена за ужинката.

Оваа одлука значи дека досегашната практика, децата од прво до петто одделение да добиваат бесплатни ужинки се напушта. Од општината велат дека на овој начин сите карпошови ученици од прво до деветто одделение ќе имаат можност да користат субвенциониран оброк од општината. Ужинките ќе бидат унифицирани за сите десет основни училишта во Карпош, а тоа ќе значи дека нивната цена ќе биде иста во сите училишта.

– Целта на оваа новововедена практика е сите основци од Карпош да се научат на консумација на здрава исхрана, бидејќи ужинките што ќе им бидат доставени се во согласност со сите воспоставени стандарди за здрава исхрана, пропишани според правилник подготвен од Министерството за образование и наука. Исто така, на овој начин се зголемува и безбедноста на учениците од повисоките основни одделенија, кои нема да мора да се оддалечуваат од училиштата за време на големите одмори, одејќи по храна, и да поминуваат пофреквентни сообраќајни улици – се наведува во соопштението од општината Карпош.