Највредната семејна мудрост: Како да ги научиме децата да бидат среќни?

Си бил еднаш еден стар мудрец кој се шетал покрај еден прашлив пат и уживал во природата. Одеднаш се појавил еден маж кој на рамената носел тежок товар. Гледал како му се тресат нозете од тежината.

Мудрецот рекол: „Зошто самиот се осудуваш на толку тешка работа и страдање?“

Човекот одговорил: „Се мачам за моите деца и внуци да бидат среќни. Мојот прадедо се мачеше и имаше тежок живот за доброто на мојот дедо, дедо ми за доброто на татко ми, татко ми заради мене, а јас ќе се помачам за среќата на моите деца.“

Тогаш мудрецот рекол: „А дали некој во вашето семејство бил среќен?“

Човекот рекол: „Досега не, но сметам на тоа дека моите деца и внуци ќе бидат среќни.“

Старецот го погледнал и му рекол: „За жал, неписмениот човек не може да чита, исто како кртот не може да одгледа орел. Најпрво мораш самиот да научиш да бидеш среќен, а дури потоа ќе можеш своите деца да ги научиш да бидат среќни. Тоа ќе им биде најскапоцениот подарок од тебе.“