Најпопуларниот бродвејски мјузикл „Монти Пајтон Спамалот“ премиерно во Скопје

Монти Пајтоновиот „Спамалот“, музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ и еден од најпопуларните бродвејски мјузикли досега, ексклузивно ќе биде одиграна пред македонската публика, во рамки на Таксират фестивалот. „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав.

Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилијираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимаров, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и извонредната Јелена Јовичиќ која неодамна со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“ ја восхити и македонската публика. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав - Рале Миленковиќ.

Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27 ноември 2016, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет и со ограничен број на билети. Билетите ќе бидат пуштени во продажба од среда (5 октомври), а наскоро ќе бидат објавени цените и продажните места.

- Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката и' овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓе кои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл – изјавуваат од Proscenium Productions, кои стојат зад продукцијата на овој мјузикл.

Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди. За време на скоро пет години театарски живот на Бродвеј, претставата е изведена повеќе од 1.500 пати, а ја погледнале повеќе од 2 милиони луѓе во 25 држави.

Мјузиклот изобилува со традиционален британски хумор и во препознатливиот Пајтоновски манир ја извртува реалноста на комичен и саркастичен начин, кој е невозможно да ве остави рамнодушен. По Бродвеј, мјузиклот беше исклучително успешен и во Велика Британија, Германија, Шпанија, Шведска, Чешка, Франција, Унгарија, Белгија, Канада, Мексико, Холандија, Јапонија, Јужна Кореја... Минатата година премиерно и со неверојатен успех беше изведен и во Белград, а во рамки на Таксират фестивал, конечно доаѓа и во Скопје.

Мјузиклот говори за легендарната потрага на кралот Артур по Светиот Грал, во кој Крал Артур е прикажан како весел и „блесав“ владетел, во својата авантура потпомогнат од страна на верниот слуга Петси и витезите на тркалезната маса, кои тој ги пронаоѓа во тоа патување. Питорескната потрага низ целото кралство е всушност жовијална авантура со мноштво урнебесни случувања, во кои невозможно е и да не се препознаеме, во време кога и самите живееме во своевидно Монти Пајтоновско секојдневие.

Приказната е базирана на книгата на Ерик Ајдл, оригиналниот член на групата Монти Пајтон, а која има своја основа во сценариото за филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“. Композитори на музиката се Џон Дупре и Ерик Ајдл.