Најмладата во КПД Идризово има 20 години, осудена за продавање дрога, најстарата 60, осудена за убиство на сопругот

Четириесет и шест затворенички се сместени во женското одделение во најголемиот затвор во земјава, Идризово. Најмладата има околу 20 години – осудена за препродавање дрога, најстарата околу 60 – осудена за убиство на сопругот, кој, како што раскажа во разговор со екипата на МИА, со години вршел физичко и психичко насилство врз неа.

Единствено во Идризово постои посебно одделение за жени, каде што казната затвор ја издржуваат осуденички од целата територија на земјава, кои се осудени со правосилна пресуда на казна затвор или малолетнички затвор независно од висината на казната.

Освен што се грижат за храната во затворот – пет затворенички работат во кујната и ги приготвуваат појадокот, ручекот и вечерата за околу илјада затвореници, женските затворенички шијат и постелнини, а посетуваат и обуки за фризерки. Сепак, за да ги поминат обуките за кроење и фризер, мора да имаат завршено основно образование, а повеќето од нив немаат.

Имаат една воспитувачка која се грижи за нивната ресоцијализација. Меѓу затвореничките има интерес да се дообразоваат. Околу 26 од нив немаат завршено основно образование, но како што ни кажаа од Управата, тие се со помали казни затвор. Таму, на пример, нема ниту една осуденичка која лежи доживотен затвор. Највисоката казна е 20 години за убиство, останатите во просек се по пет години, најчесто за разбојништво, кражби, препродавање дрога, трговија со деца.

-Само што ќе го почнат образованието, ќе излезат од затворот, а потоа надвор не продолжуваат, ни кажаа од Управата.

Доколку се заинтересирани основното образование го завршуваат во машкиот дел, каде што доаѓаат наставници од Макаренко, со кого затворската управа има склучено договор. Имало некои предлози од Министерството за образование да се направи некој вид комбинирана настава за да може во покус временски период да се оформи основното образование, да се скратат, на пример, три години во една.