На Водно се гради највисоката кула во Македонија со ротирачки ресторан (ФОТО)

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) пред една година почна со изградба на нов антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава.

Антенскиот систем, што ќе биде изграден на врвот на Водно, всушност ќе претставува кула висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 метри квадратни. Ќе има и челично решеткаст столб, а на врвот антена.

Идејата е во објектот да се изгради ротирачки ресторан како и административни простории за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и за Министерството за внатрешни работи (МВР).

Антенскиот систем се гради на врвот на Водно како најпогодна локација што ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери. Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи... Со тоа, истакнуваат од АЕК, ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.

Намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.