На сите им молчев за тебе...

На сите им молчев за нашата љубов, затоа што за големите љубови малку се зборува. Од практични причини. Не постојат доволно силни зборови кои би му помогнале на малиот човек јасно да го искаже тоа грандиозно чувство како искрената љубов.

Тие бучни чувства се чувствуваат во тишината. Се чувствуваат во секоја митохондрија и во секоја клетка. Најдобро ги гледаш кога ќе ги затвориш очите. Најдобро ги допираш кога кога на саканата личност ѝ подаваш рака за да ја поддржиш, а не за да ја задржиш. Големите љубови се молчат. Свесно не зборувам никому за тебе, затоа што денес приказните за возвратената љубов се како сол на отворена рана. Затоа што возвратената љубов во денешно време е ретка, како егзотично животно кое со ритамот на современиот живот, во упатството за употреба на чувствата е сместено во истата категорија како и еднорозите, самовилите и сирените.

Ретко кој ги видел, малку се знае за нив, а оние кои имаат што да кажат за нив се сметаат за „отидени со умот“. Им молчев за тоа колку убаво ти сјаат очите кога зборуваш за нашата иднина и колку ти е убаба насмевката кога со своето лице ќе успееш да го допреш универзумот. Откако те запознав молчам за тоа како твојата ненаметливост ме хипнотизира. За тоа дека сите идеи на поезијата се на твоите усни. За тоа како со насмевката ги отфрлаш сите стравови. За тоа дека сакаш како што никој претходно не сакал, дури и кога ќе се налутиш. Им молчев за тајните скриени на мапите од бемките на твоето тело. За тоа какви богатства има скриено во тебе. Им молчев за тоа дека го познавам релјефот на твоето тело, дека би можел од глина да те извајам во уметничко дело, затоа што постојано те чувствувам под прстите, дека сум незаситен ловец во сафари низ сите твои премини, котлини и клисури.

Им молчев и за тоа дека би умеел да напишам докторска дисертација на тема за глаткоста на твоето тело. Им молчев и за тоа дека сум предатор уловен во мрежата на твоите капилари и нервни завршетоци. За тоа дека со години сум раздразнет, запален, осамен, распаметен. Од тебе. Никогаш не умеев доволно сликовито и на глас да зборувам за твоите препони кои од првиот ден совршено се вклопуваат околу мојата половина, ни за твоите трепки кои танцуваат како морски коњчиња на моето лице. За хемискиот состав на твоите феромони чиј мирис го вдишувам и ги раздразнувам сите мозочни рецептори. За магнитудата на потресите кои мојот тестостерон непогрешливо ги предизвикува секогаш кога сум во твоја близина. Не зборував ни за тоа дека поминуваме часови рециклирајќи го воздухот, такашто јас го вдишувам тој што ти го издишуваш, а ни за тоа дека ти го галам ноктот на палецот секогаш кога те држам за рака.

Молчам и за тоа колку ми е несфатливо и смешно тоа што кога јадеш Нутела, успеваш да се замачкаш дури и зад уши. Никогаш никому немам признаето на глас дека едвај чекам околу нас да нема никој за да можам да бидам насамо со тебе. На светот му ги премолчувам овие лудачки монолози за тебе, затоа што знам дека еден ден сите ќе ги учат напамет. Не сакам луѓето ко мене, кои полуделе малку од љубов, да ги замараат во сегашноста. Денес немам ништо да им кажам. Ќе ги сретнам сите таму некаде во иднината, кога неразумната љубов го победува неразбирањето на љубов, кога ќе сфатат дека не ни се потребни тела за да сакаме други души и дека сите на овој свет постоиме само онолку колку што умееме да чувствуваме.