На што го трошиме времето за љубов?

Зошто повеќе немаме време за љубов? Некаде околу 2 наутро си го поставив ова прашање. Тогаш легнав да спијам.

Работев. Се што сакав и се што морав. На крајот легнав со полу-исушена коса и незавршени обврски. Однапред ме гризеше совеста што ќе правам и како ќе кажам дека немам време за шетање. Се заплеткав во класичниот животен парадокс: работам за да живеам, па останувам без време за живот. Оној вистински живот.

Затоа што животот сега и покрај своите парадокси и редовни линии, има и експресна линија, императив кој вели: побргу, побргу, побргу!

Побргу плати ги сметките, електронски, зошто стоиш во ред? Побргу јади ја питата, не е дека сама ја замеси! Џвакај, џвакај, ајде побрзо и оди понатаму! Понатаму, понатаму, понатаму, побргу, побргу, побргу! Автобусот нема да чека на станица, градинката нема да ја чека твојата принцеза, училишното ѕвоно не е заинтересирано за застојот во сообраќај! Пауза? Каква пауза? Имаш рок! Рок, рок, рок!

Старата приказна вели дека порано постоел само еден рок. Воен. Но, дотогаш ќе се исчеличиш. Тој рок те чекал на крајот од некој долг и макотрпен пат. И не си можел да дочекаш да дојде.

Денес рокот е почетокот и крајот. Прво те плашат со неговата брзина, а потоа со последиците кои те чекаат доколку го прескокнеш. По тој рок нема задоволство, само нов рок.

Така животот стана точкеста трка. Ориентација низ нервозната џунгла. Во живо. Од 6 часот наутро до 2 часот наутро.

Ако мене ме прашувате, она време кое преостанува не е доволно за да отсонуваш некој нов сон. А сите паметни луѓе знаат дека од соништата се расте.

Од соништа и од љубов.

Е сега, љубовта не е само цмок, цмок, цмок и по некоја порака на Фејсбук. Љубов е се она што пропуштаме, па потоа го надополнуваме онлајн лепејќи стикери и смајлиња.

„Немав време да ти дојдам на роденден, еве ти слика од торта со свеќички. Немав време да пиеме кафе заедно, еве ти ветување дека сигурно ќе пиеме нареден викенд заедно со еден стикер со кафе. Немав време, куцав премногу пораки како немам време.“

Љубов е се што стои позади тоа. Оние обични работи на кои гледаме со потсмев во кината. Држење за рака. Бакнежи од кои се паѓа во несвест. Прегратки од кои пукаат грижите под коските. Кафето, книгата која ја читаш додека кришум го гледаш под око. Парчето колачето кое го делиш со мајка ти. Математичкиот проблем кој го решаваш со тато. Пријателите кои дуваат роденденски свеќички, кои дипломираат и се венчаваат. Деца. Секое дете.

Без оглед на тоа колку напредува технологијата, таа се уште не успеала да ја пикне љубовта во стикер и смајли. Затоа, ако животот веќе е точкеста трка низ нервозна џунгла, ориентирајте се кон оние точки кои ја осветлуваат љубовта. Таму постои една перница и еден сон. Не е важно што е 2 часот наутро. Не е важно што не се завршени сите обврски. Постои уште еден парадокс во животот. Се додека брзаме, ние всушност доцниме. И тоа не е страшно.

Секаде смееш да задоцниш. Внимавај само да не го пропуштиш рокот за соништа.