На редовниот репертоар на МОБ: “Боеми” е опера полна со животни предизвици, љубов, тага и забава

По 11 години на македонска сцена се враќа операта “Боеми” на Пучини, која од вечерва е и на редовниот репертоар на МОБ. Со оваа претстава годинава беа отворени и 46. Мајски оперски вечери, а според Дејан Прошев, режисерот на ова атрактивно музичко – сценско дело, има повеќе причини за нејзиното поставување.

“За мене беше голема чест што уметничкиот раководител на операта на МОБ, нашата истакнта диригентка Бисера Чадловска, ми даде можност да го режирам ремек делото на Пучини,операта “Боеми”. Причини за нејзиното поставување, пак, има повеќе, означувањето на 160 годишнината од раѓањето на композиторот, во чиј знак беа и овогодишните 46. Мајски оперски вечери, а голема причина е и младата солистичка екипа на операта на МОБ која што одлично може да ја донесе оваа претстава на сцената. Сепак “Боеми” е оперска приказна за млади луѓе кои се соочуваат со разни животни предизвици”, вели Прошев.

Претставата, пак, како што додава, е полна со љубов, тага и забава, во неа се раскажува за животот на четворицата боеми: поетот Родолфо, сликарот Марчело, музичарот Шонар и филозофот Колин, кои живеат во поткровје во Париз, како и за случајната средба на Мими со Родолфо која ќе прерасне во голема љубов која за жал трагично завршува со смртта на Мими. Сета приказна на “Боеми” е поддржана од музика богата со емоции, со која е изразена секоја сцена од операта било да се работи за забава, љубов или тага.

За тоа колку подготовката на самата претстава за него беше захтевна, но и како течеше соработката со главните протагонисти, режисерот Прошев посочува:

“Работата на оперскиот режисер е доста захтевна, без разлика за кое оперско дело станува збор. За време на подготовките на премиерата на “Боеми# беше големо задоволство да се работи со моите колеги: костимографот Марија Пупучевска, сценографот Зоран Николовски, дизајнерот на светлото Јакуп Јакуп, солистите (од најголемата до најмалата улога), хорот на операта на МОБ, асистентите (на режисер и на диригент), пијанистите, испициентите, колегите од техничките служби (светло, гардероба, декоратери, реквизита), со еден збор се забавуваме за време на пробите#. посочува Прошев.

Реакцијата на публиката на нејзиното прво претставување, преполн салон на МОБ и гормогласни аплаузи со кои беа поздравени сите уметници по завршувањето на претставата, доволно зборува за нејзиниот успех, па запрашавме и дали во изминатиот период (по премиерата) претставата доживеа одредени модификации со оглед дека станува дел од постојаниот репертоар на МОБ?

“Мизансценот е запазен, ист е како на премиерата, некои ситници со оглед на промената на кастот (изведувачите) се променети,но сепак, се зависи од темпераментот на солистите. Вечерва во претставата ќе настапи дел од солистичката екипа од премиерата: Ѓорѓи Цуцковски (Родолфо), Владимир Саздовски (Колин), Борко Биџовски (Алчиндор), Јане Дунимаглоски (Парпињол), додека Сандра Митровска (Мими), Марјан Јованоски (Марчело), гостинот од Италија Андреа Ѕаупа (Шонар), Билјана Јосифов (Музета), Невен Силјановски (Беноа), ќе настапат првпат во оваа поставка на “Боеми”. Со Маестрото Довико не соработуваме за прв пат, тој има диригирано во МОБ две претстави (Набуко и Турандот). Со оглед на тоа дека станува збор за големи професионалци и врвни оперски уметници, успехот на вечерашната претства е неизбежен”, истакнува режисерот Прошев кој додава дека операта е комплексна работа, а за нејзиниот успех придонесуваат многу сегменти без кои не може една претстава.

Покрај изборот на солисти, како што вели, во случајов, изборот на костими, сценографијата, светлото и режијата, се елементи кои заедно придонесуваат за успешна продукција. Визуелниот елемент во оваа опера секако го надополнува комплетното музичко доживување на публиката.