На местото на атентатот врз Киро се наоѓала семејната куќа на Глигорови

На 3 октомври 2019 година се навршија 24 години од атентатот врз претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров. Атентатот се случи во 1995 година, непосредно пред хотелот „Бристол“. Оттогаш, овој скопски хотел постојано се поврзува со овој немил настан.

Хотелот „Бристол“ е еден од најпознатите и најславни скопски хотели, од времето на неговата изградба до денес. Ретко кој од скопските реномирани хотели опстојувал толку долго време. Тој е живата историја на градот. И еден куриозитет што го знаат малкумина скопјани. Звучи неверојатно, но вистинито.

На самото место наспроти хотелот „Бристол“, каде што се случи атентатот врз претседателот Глигоров на 3 октомври 1995 год., се наоѓала семејната куќа на Глигорови, пред Втората светска војна. Навистина една необична приказна и игра на судбината. Еве некои од основните податоци за хотелот и околината каде што се наоѓала куќата што била сопственост на Глигорови. Двајца угледни трговци го имаат изградено хотелот „Бристол“. Тоа се браќата Ташко и Ристо Караџа. Станува збор за трговци гросисти, кои ја поседувале фирмата „Браќа Караџа“.

Новиот хотел, уште од неговото отворање во далечната 1923 год., сопствениците постојано го издавале под наем! За себе и за своја душа го користеле единствено кога била нивната семејна слава Св. Никола. Тогаш ги собирале своите деловни партнери и пријатели на прослава во раскошните сали на хотелот! Во близината се наоѓале железничката станица, хотелот „Русија“ и Кранговата палата.

Пребогатата историјата на хотелот „Бристол“ е поврзана и со старата скопска боемија и музика. На гостите во хотелот им свирел оркестарот на славниот Васил Хаџиманов! Сето тоа, се разбира, не можело да помине без професионални танчари и танчарки. За тоа се грижело и познатото скопско друштво за танчари „Ароести“, кое тогаш било најпознато во Скопје. Артистите и богатите трговци биле постојани гости во „Бристол“.

Во периодот пред војната, но и по војната, тоа биле Прличко, Тодорче, Прешо, Димче Трајковски, чика Мита. По војната, најчест гостин бил боемот Панче Уневски, кој имал своја постојана маса во ресторанот. Хроничарите веќе забележале дека поетот Раде Драинац, во „Бристол“, на парче хартија од бурек ги напишал своите најубави песни. Хотелот бил луксузно и модерно опремен, со свој посебен стил и шарм, со познати специјалитети од кујната. Храната можела да се нарача и за дома, а на домашна адреса била доставувана со пајтони.

Иако го преживува скопскиот земјотрес, хотелот со текот на времето започнува да губи од првобитниот сјај, но не за долго време. Во 1984 год. „Бристол“ се реновира и повторно блеснува со својата убавина и значење, потсетувајќи на добрите денови. Кон крајот на шеесеттите години одевме во популарната „Таверна“, која се наоѓаше во подрумските простории, десно од главниот влез на хотелот, а која во подоцнежните години стана позната дискотека. Кој сакаше да почувствува нешто од старата елеганција, требаше да го посети хотелот „Бристол“.

За жал, хотелот „Бристол“ еден подолг временски период не е веќе во функција и е затворен. На старите фотографии од хотелот, оние од пред војната, се гледаат и околните куќи, каква што била и куќата на Глигорови на тој простор. За таа приказна и нивната семејна куќа имав слушнато порано од старите скопјани, но никогаш не бев сигурен во приказната, додека не ми ја раскажа самиот претседател Глигоров. Тоа беше неколку години по атентатот.

Данило Коцевски (Нова Македонија)