На летниот камп „Ја сакам Македонија“ и Македончиња од Голо Брдо

На годинешниот летен камп „Ја сакам Македонија“ меѓу  учениците Македонци од соседните земји  и од дијаспората, учествуваа и пет од областа Голо Брдо, Албанија.

– Македончиња од Голо Брдо редовно секоја година учествуваат на овој камп.Многу сме благодарни на нашата матична земја што никогаш не не заборава. За децата ова е навистина настан од исклучително значење. Децата се чувствуваа одлично, беа  воодушевени од градот, а воспоставија нови познанства со Македончиња од други земји, вели за МИА Или Халилај, претседател на огранокот на македонското друштво „Илинден“ за Голо Брдо.

Според Халилај, ваквите кампови се за поздравување зашто децата Македонци по род кои живеат во разни држави се дружат и подобро се запознаваат.

Во изминатите пет летни кампови учествувале педесеттина Македончиња од оваа област.

Летниот камп „Ја сакам Македонија„ се одржува под покровителство на Владата на Република Македонија, а го организира Министерството за надворешни работи.