На кафе со Јелена Јованова Периќ

(фото: Дарко Мораитов)

Македонска гордост, прекрасна личност, полна со топлина и позитивна енергија. Веќе четврта година ликот кој го игра во македонското ТВ ремек дело ‘Преспав’, Јелена од Драчево е обожуван лик од домашната јавност.

Како изгледа еднo утро на Јелена Јованова Периќ?

Почнува со благодарност за новиот ден и возбуда за новото што во истиот ќе го научам; чаша топла вода со лимон и мед, тост од авокадо и секогаш музика!

Со кого го пиеш првото кафе?

Најчесто сама. Така најдобро ги собирам мислите во глава и го организирам денот.

Долг период твојот дом е во Загреб. Какви се утрата во овој град?

Џогирање во паркот Максимир или јога, доручек и кафе со скоро секојдневно кроење на ‘to do’ листа за денот пред мене.

Дали ти недостига Скопје? Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Секако дека да! Кафе, повторување на текст, решавање на сцени, запишување на нови идеи, хектично спремање за театарска проба или сет.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Во пролет.

На Скопје му недостасува…

Љубов, физичка и ментална хигиена.

На кои проекти ќе работиш оваа есен. Кои се  твоите нови работни предизвици?

И оваа есен е во знакот на ‘Преспав’. Ја снимаме новата четврта сезона, а со тоа испишуваме и историја на најуспешна македонска ТВ серија. Преспав стана своевиден бренд, приказна која е присутна во сечиј дом. Сигурна сум дека публиката ќе ужива! А после ‘Преспав’ се крчка нешто ново и големо за кое сеуште немам дозвола да зборувам.

Рецепционерката од “Преспав” е обожуван лик од македонската публика. Кога се враќа Јелена од Драчево на ТВ екраните?

Неизмерно ми е драго што Јелена од Драчево стана еден од омилените ликови. Тоа пак носи и одговорност да љубовта од публиката ја оправдам и годинава и се надевам успевам во тоа. Јелена патуваше од рецепционерка до менаџер и претседател на синдикат за да оваа сезона дојде пак на местото каде од Декември ‘жената за све’ ќе ги мати сметките во пансионот повторно луцидно и шармантно.