На кафе со Ирена Спировска

ТВ водителка со богато 25 годишно искуство и повеќе од успешна телевизиска кариера. Прекрасна мајка, активист во НВО Борка, страствен планинар.

Како изгледа едно утро на Ирена Спировска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Го сакам утрото. Најчесто станувам  околу 7.30ч и уживам во секојдневните утрински ритуали: пуштам убава музика додека го подготвувам утринскиот чај, по кој задолжително следува смуди за освежување и старт на денот. Првото утринско кафе најчесто го пијам надвор од дома, на работа или во некое од скопските кафулиња.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Во зимскиов период за жал тоа е скопската магла и студенилото, но во пролет и лето асоцијација за скопското утро ми е нашето прекрасно Водно, црцорењето на птиците, спокојот на природата наспроти гратскиот метеж и пулсот на градот...го сакам тој контраст на нашето Скопје.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Како што се насетува од одговорот на претходното прашање Скопје најмногу го сакам во пролет и лето. Сакам кога е денот долг, кога градот се капе во сончевите зраци на жешкото сонце, кога квечерините се топли и мирисаат на лето ...Го сакам Скопје дури и на 40+.

На Скопје му недостасува...

Му недостасува зеленило, цвеќиња, хортикултурно уредување...Ни недостасува сообраќајна култура и љубезност. И секако многу повеќе паркинзи!

Скопје во само три збора...

Мојот убав град...

Има ли Скопје дух и шарм?

Скопје е град со многу дух и шарм...Последниве години постојано се менува ликот на Скопје и се повеќе се гуши градот од новите градби и големиот број на автомобили, но искрено верувам дека нема да го изгуби својот шарм и дух и покрај тоа што дозволивме да го променат неговиот лик толку многу....

Ирена, имаш долгогодишно работно искуство и реализирано многу успешни тв проекти. Дали постои нереализиран проект, концепт на емисија која посакуваш да ти се случи во иднина?

После многуте  проекти и емисии снимани во телевизиско студио посакувам  еден проект  посветен на нашите убави планини, прекрасната природа која ја имаме и можностите кои тие ги нудат за спорт и рекреација. Би сакала на сите да им ги доближам тие убавини на начин на кој јас ги доживувам и им се восхитувам со години...