На кафе со Евгениј Хоуп

Милош Димковски или Евгениј Хоуп, автор од Куманово, авантурист, светски патник, сопственик на еден од најуникатните македонски профили на Instagram.

Како еден авантурис како Евгениј Хоуп го започнува денот? Дали имаш утрински ритуали?

- Секогаш е динамично и непредвидливо кога сум некаде на патување. Но, сега, додека сум во Македонија трчам да се качам автобус за на работа и по пат ќе сркнам едно еспресо од кафематите. И тоа е интересно, не се жалам.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

- Попрво би рекол – асоцијација на кумановско утро. Во моментот живеам во Куманово, а она што ме асоцира е бебешки плач. Од неодамна станав чичко Хоуп.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Веројатно лето, тогаш несопирлив.

Имаш поминато повеќе од 30.000 километри автостоп низ Европа. Постои ли место во светот кој си го посетил и би можел да се замислиш да живееш таму?

- Лисабон!

Твоите неверојатни патувачки искуства ги споделуваш редовно и на Instagram, го имаш еден од најуникатните “наши”профили. Како до успех на оваа социјална мрежа?

- Раскажи нешто интересно и искрено. Луѓето сакаат приказни!

Дали постои град кој си го посетил и со некоја своја карактеристика те потсетил на Скопје?

- Мислам дека не, а кога патувам ниту пак трагам да ме потсетува нешто на Скопје.

На Скопје му недостасува…

- Поголема љубов и желба да го сочуваме она што остана од него!

Скопје во само три зборови…

- Урбана домино коцка!

На крајот, какви ангажмани те очекуваат оваа есен? Дали работиш на ново дело или се подготвуваш за нова автостоп авантура?
- Работа на музички фестивали. Веројатно и викенд прошетки, а пишување на ново дело ќе го оставам за во зима. Можеби на некое потопло место.