На ФЕИТ ќе се тестираат 5Г мобилни технологии и системи

Студентите и професорите на Факултетот за електротехника и информациски технологии  ќе можат да тестираат нова 5Г технологија  во денеска промовираната лабораторија на Институтот за телекомуникации. Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи  при Институтот на ФЕИТ ќе се надгради со нова 5Г опрема обезбедена од телекомуникациската компанија Македонски телеком.

По повод Светскиот ден на телекомуникациите – 17 Мај, деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски  и извршниот директор на МТ Никола Љушев  денеска потпишаа меморандум за спроведување на проектот за тестирање на  мрежата на петтата генерација којшто треба да овозможи огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и да смени многу области во функционирањето на општеството.

Опремата, подигањето на хардверската платформа и новиот софтвер ќе овозможат тестирања на најновите мобилни технологии и системи со што академскиот кадар заедно со студентите ќе имаат можност да работат во првата лабораторија за тестирање на 5G во земјава.

– Со новата 5Г опрема и уреди во новоформираната лабораторија ќе ја имаме првата и единствена можност во земјава  за тестирање, експериментирање и проучување на реални сценарија  поврзани со идните технологии. Реалното тестирање на оваа технологија ќе им даде голема предност на нашите професори, соработници и студенти и сигурна сум дека ќе продуцира нови решенија, изјави Лилјана Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ.

Според Љушев , студентите и наставниот кадар првпат ќе имаат реални услови да ги тестираат придобивките од новата револуционерна технологија, а Телеком ќе може да ги процени комерцијалните бенефити. Минатата година МТ изведе прва демонстрација на 5 Г во регионот со којашто постигна  брзини  на проток од над три гигабити во секунда.

– Лабораториските услови се една работа и сакаме да ги испитаме сите тие нешта во реални усови.  Во таа насока посветено ќе инвестираме во градење тестна околина која ќе биде овозможена не само за потребите на МТ туку и за ФЕИТ, сите студенти и начуни работници за да научиме нешто повеќе за 5 Г. Нам ни е исклучително важно и да ги осознаеме потенцијалните комерцијални  бенефити од оваа технологија што ќе биде  основа за градење на издржана деловна студија со којашто верувам дека ќе се потврди дека Макеоднија во еден момент ќе треба да почне и да тргне по патот за имплементација на оваа технолошка револуција и практично почетокот на четвртата индустриска револуција, рече Љушев.

Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи досега се користеше за проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации со примена кај 3G и 4G мрежите. Станува збор за истражувачка лабораторија во која се извршуваат истражувања и тестирања поврзани со тековните проекти и иновативни технолошки решенија (виртуелизација, мапи за радио покриеност, динамичен пристап кон спектар, интелигентни инфраструктури, само/организирачки мрежи и друго). Лабораторијата е акредитирана и за mерења на карактеристики и сообразност на радио опрема и mерења на радио спектар. Во неа досега се реализирани повеќе проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации, како и студентски истражувања во рамките на дипломски, магистерски и докторски трудови. Членовите на лабораторијата повеќепати се наградувани со престижни меѓународни признанија.