На детското игралиште во училиштето „Блаже Конески“ ќе никне градинка

Во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во скопската населба Мичурин ќе никне и детска градинка, откако таму пред неколку години беше изграден угостителски објект. Родителите реагираат дека со изградбата на градинката целосно ќе се затвори дворот на училиштето, и децата ќе немаат простор за играње.

– Ова е единствено игралиште во дворот, откако на другото беше изградена кафеана пред неколку години. Ќе остане училиштето без игралиште, а децата без простор за играње – вели мајка чие дете учи во ова училиште.

Деновиве во училиштето доаѓаат и багери. Како што неофицијално дознаваме, Советот на училиштето подготвува петиција до општината со која ќе бара да се промени одлуката.

Од општина Аеродром пак објаснуваат дека ќе се градат две градинки, бидејќи нема каде да се прифатат малите деца.

– Според ДУП за градска четврт И11, претходното раководство на посочената локација има впишано маркичка В2 за здравство и социјална заштита – детска градинка. Општина Аеродром има план да изгради две нови детски градинки во овој дел на општината, затоа што е зголемена потребата на жителите од вакви објекти. Кога ќе се почне со изградбата на градинката, ќе се изгради ново спортско и детско игралиште во дворот на ОУ „Блаже Конески“. Училиштето располага со голем училишен двор, каде што има место да се изгради и нова детска градинка – објаснуваат од општината.

Родителите на децата кои одат во ова училиште, преку социјалната мрежа Фејсбук се организираат за протест.

„На 9 ноември, сабота, во 12 часот, ќе се одржи мирен протест на родителите и учениците од ООУ „Блаже Конески“, општина Аеродром, Скопје, со цел да им порачаме на одговорните лица дека нема да дозволиме изградба на градинка во дворот на училиштето.

Според најавите, општина Аеродром планира да гради градинка на местото на сегашното игралиште кое е дел од училиштето, место што се користи и за настава по физичка култура на отворено во топлите денови, но и воопшто за игра на учениците и за време на одморите, но и надвор од училишните активности.

Механизација веќе е присутна во училиштето, а притоа теренот никако не е oбезбеден, па градежните машини буквално минуваат меѓу растрчани деца.