МВР со детали: Македонски државјани уапсени во Турција, планирале заминување на боиштата во Сирија како дел од ИД

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков денес ги соопшти деталите во рамки на акцијата „Ќелија 3“.

Како што соопшти министерот, во соработка со турската полиција петмина македонски државјани осомничени за членство во Исламска Држава, на 12-ти август биле уапсени во турската населба Аксарај каде се собирале и организирале џихадистите и оттука планирале да заминат на боиштата во Сирија.

– Во текот на акцијата при обид за бегство две од лицата се здобиле со тешки телесни повреди. По приведувањето осомничените биле однесени во прифатниот центар за странци во Истанбул, изјави Чавков.

Акцијата била спроведена од страна на турската полиција, а по приведувањето осомничените биле однесени во Прифатниот центар за странци во Истанбул.

Македонските државјани се за возраст од 18, 19, 20, 21 и 24 години. Тројца се од Куманово и двајца од Скопје. Според сознанијата на полицијата, осомничените македонски државјани во своите градови посетуваме верски предавања на радикални имами.

-Според досегашните сознанија лицата биле претходно поттикнати и организирани од македонски државјани-џихадисти кои подолг период престојувале во Сирија, а осомничените заминале за Турција со единствена крајна цел приклучување кон муџахединските единици во Сирија, појасни Чавков.

По преземените активности и документирањето на настанот осомничените се вратени во Македонија и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Од страна на судија на претходна постапка на сите пет пријавени лица определена им е мерка притвор.

Министерот Чавков информираше дека за 23 лица македонски државјани се води кривична постапка, околу 25 македонски државјани се загинати, а околу 50 лица се уште се на боиштата во Сирија и Ирак. Тој нагласи дека овие бројки не се конечни и постојано варираат.