МВР: Да не се отвораат сомнителни линкови, се шири измама со наводна нова дигитална криптовалута

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР (СККДФ) детектираше постоење на наводна кампања во која што лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни и-меил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина. 

„Со кликнување на линкот, се влегува на лажната страница:

https://hiphop2610.myshopify.com/blogs/news/china-s-bank-says-it-has-com..., а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон страната https://yuan-payments.com/ која е хостирана во Украина. 

Откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска крипто валута, бидејќи цената расте секој момент“, соопшти МВР. 

Од страна на СККДФ биле направени проверки на веб страната и за истата е утврдено дека како регистрант се јавува лицето Васил Дјимарев (Vasyl Dymarev) од Русија.

„Текстовите и статиите на интернет страната се убедливо напишани, а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250$, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства“, предупредува МВР.

МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.