МТВ ќе ги пренесува ЗОИ во Пјонгчанг

Зимските Олимписки Игри ќе се пренесуваат на Македонската телевизија, велат од МТВ. Многу е веројатно, традицијата да продолжи и преку јавниот сервис македонските љубители на спортот да можат да ги следат возбудувањата од најголемиот зимски спортски настан во оваа 2018 година кој ќе се одржи во Пјонгчанг од 9. до 25.февруари.

Секако, тука е и Светското првенство во фудбал во Русија ова лето, а МТВ најавува дека работи на случајот и да ги обезбеди ТВ – правата и за наредните Летни Олимписки Игри во Токио 2020 година.

Уредникот на спортската редакција на МТВ, Драган Николовски, вели се вложуваат максимални напори за обезбедување на правата за пренос и речиси сигурно Зимските олимписки игри во Пјонгчанг сепак ќе ги има на својата програма.

„Независно од реакциите во јавноста во изминатите неколку дена, МРТ последниот период вложува максимални напори и речиси сигурно Зимските Олимписки Игри во Пјонгчанг сепак ќе ги има на својата програма. И не само тоа, туку темелно работи на случајот да ги обезбеди ТВ-правата и за наредните Летни Олимписки Игри во Токио 2020, со што ќе ги задржи континуитетот и традицијата кога станува збор за покривањето на двата најголеми спортски настана. Преостанува во наредните два-три дена технички да се заврши целата интерна процедура и да се прецизираат деталите од договорот со Discovery Communications, сопственикот на ексклузивните ТВ-права за Олимписките Игри од 2018 до 2024 на територијата на Европа“, вели за ЕКИПА, Драган Николовски.