МНР: Нема заразени македонски државјани од коронавирус во Кина

Македонското дипломатско конзуларно претставништво во Кина информира дека досега не е пријавен ниту еден случај на македонски државјанин заболен со коронавирусот.

Како што пренесуваат од Министерството за надворешни работи, нема ниту пријавени македонски државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење, на кои би им била потребна помош.

Според податоците на МНР, во Кина легално престојуваат околу 100 македонски државјани, кои се во постојан контакт со нашето дипломатско конзуларно претставништво.

Германските власти денеска објавија дека размислуваат за евакуација на своите државјани од провинцијата Хабеј, од каде што почна да се шири вирусот.

Според најновите податоци, од овој вирус досега починаа најмалку 80 лица, а 2.800 се заразени.