Министерството за здравство не отстапува - центри за зависници во повеќе населби

Филипче не отстапува. Центри за зависници ќе има и во поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром, во Ченто, и во болницата во Бардовци. Ваквиот план министерот го правда со образложение „метадонот пациентите ќе го земаат пред лекари“. Па, терапијата ќе мора да ја испијат во центарот, за разлика од она што се случува во моментов, зависниците метадонот го земаат од шалтер и сами се боцкаат низ улиците, пренесува Алфа

-Тоа создава една хаотична ситуација во која тие не може да добијат соодветен медицински третман и отвора можности за злоупотреба на препаратите кои таму ги добиваат. Постои Центар за третман на зависници во ГОБ „8 Септември“ и таму не сме слушнале за никаков проблем и таму има училишта, градинки. Ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат не е вистинската и таа која ќе биде ако се случи дисперзијата, изјави министерот Филипче.

Неизвесно е колку е остварлив планот на здравствените власти за добра организација во однос на дисперзијата, со оглед на тоа дека во моментов во скопските центри има само 6 психијатри, а неопходен е медицински персонал од најмалку 20 лекари и сестри.

Филипче најави и центри во Чаир, Шуто Оризари и Ѓорче Петров, но понатаму. Засега треба да стават сефови за чување на метадонот во Ченто и во Аеродром, каде веќе има простории, а ќе треба да се ангажира и соодветен персонал. Планот е дисперзијата да се спроведе од септември.

Најновата одлука на министерот Филипче уследи по протестите на граѓаните на неколку скопски општини, оти не сакаат на секое ќоше околу своите домови да наоѓаат игли и шприцеви. Најпрвин жителите на Кисела Вода бараа дисколација на Центарот за зависности, па Филипче реши објектот да се смести во Гази Баба. Откако, граѓаните и на оваа општина се побунија, ваквата идеја пропадна. По најавата за дисперзија, незадоволството на улица го искажаа и Аеродромци, кои побараа повлекување на одлуката.