Министерството за култура најавува топол културен бран

Новиот проект на Министерството за култура „Топол културен бран“ ќе опфати повеќе од 100 културни настани во 31 македонска општина. Концерти ќе одржат етногрупите „Монистра“, „Синтезис“, „Љубојна“, Ефто Пупиновски, Миле Кузмановски, групите ДНК и „Ај Кју“, Даниел Кајмаковски, Сара Мејс и други.

9-тата по ред манифестација ќе биде реализирана во две етапи, првата, од 20-ти до 31-ви јули, додека втората ќе биде од 20-ти до 31-ви август. Културните настани ќе се одржуваат во Вевчани, Валандово, Кавадарци, Ресен, Маврово-Ростуше, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Крива Паланка, Могила, Неготино, Кочани, Демир Капија, Македонска каменица, Кратово, Делчево, Берово, Кичево, Богданци, Виница, Чашка, Демир Хисар, Новаци, Свети Николе, Гостивар, Крушево, Кривогаштани, Охрид, Гевгелија, Ресен и Општина Петровец.

На денешната прес-конференција, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска изјави дека постои огромен интерес од страна на општините за реализација на проектот. Таа истакна дека селекцијата на апликации кои пристигнале во врска со реализацијата на проектот била вршена според квалитетот и инфраструктурните капацитети на општините. Буџетот кој е наменет за овој проект изнесува 4 милиони денари.

Покрај настапите на музичките ѕвезди, ќе бидат одржани и театарски претстави од репертоарите на Македонскиот народен театар, Театарот Комедија, Охридскиот, Штипскиот и Албанскиот театар. Главната идеја на настанот е да се промовира македонската култура и фолклор и да им се даде шанса на уметниците да имаат своја промоција низ поголемиот дел од нашата земја. Министерката за култура потсети дека досега во рамките на оваа манифестација се реализирани повеќе од 800 проекти. Таа изрази задоволство што нашата држава во изминатиот период беше и на агендата на големите музички ѕвезди, како Дејвид Гета, Енрике Иглесиас, Џон Њуман. До крајот на летото, со поддршката на Министерството за култура во Охрид ќе ги видиме и Ники Ромеро, Ал Ди Меола и легендарниот бенд „Продиџи“.